Активистите во Венеција започнаа протести против основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој следната недела треба да се ожени со Лорен Санчез на раскошна церемонија од повеќе милиони долари, која би можела да затвори делови од градот. Безос (61) е третиот најбогат човек во светот, со проценето богатство од 220,9 милијарди долари.
Стотици гости треба да дојдат во Венеција меѓу 23 и 28 јуни за свадбата, која наводно ќе го зафати целиот остров Сан Џорџо спроти плоштадот Свети Марко. Според италијанските медиуми, речиси сите луксузни хотели се резервирани, како и многу водни таксиња.
„Венеција се третира како изложбен простор, како бина. Оваа свадба е симбол на експлоатацијата на градот од страна на надворешни лица. Венеција сега е само вреден предмет“, рече Федерика Тонинели, 33-годишна активистка поврзана со протестната група „Нема простор за Безос“, која обединува активисти од различни градски колективи.
Активистите развиорија транспаренти против Безос од камбанаријата на базиликата „Сан Џорџо Маџоре“ и од мостот Ријалто. Следната недела, тие планираат да ги попречуваат свеченостите со скокање во каналите и со блокирање на тесни улички на Венеција за да ги спречат свадбените гости да стигнат до местото на венчавката. Тие велат дека протестите ќе бидат мирни.
Градоначалникот Луиџи Бруњаро рече дека се срами од демонстрантите.
„Кој друг град би организирал комитет против свадбата на толку важна личност? Се надевам дека Безос не се двоуми“, рече Бруњаро.
Џеф Безос и Лорен Санчез, авторка и поранешна водителка на вести, се свршија во 2023 година. Иако деталите за свадбата не се откриени, комитетот „Нема простор за Безос“ верува дека двојката ќе се венча во црква од 10. век. Се очекуваат околу 200 гости, од кои многумина ќе престојуваат во најексклузивните хотели во Венеција.