Албанија е на добар пат да ги заврши пристапните преговори со Европска Унија до 2027 година, според нацрт-заклучоците од новиот извештај за проширување, објави „Јуроњуз“. Таа очекува да стане членка на ЕУ во 2030 година.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска ќе го претстави годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидати за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија.
Албанија досега отвори шест од седумте преговарачки кластери потребни за прием во ЕУ. Остана единствено кластерот за земјоделство и кохезија, што земјата планира да го отвори до крајот на годината.
Во заклучоците се наведува дека непосреден приоритет е исполнување на краткорочните цели поврзани со владеењето на правото и зајакнувањето на борбата против трговијата со дрога и криминалните групи.
Антонио Коста, претседателот на Европскиот совет, изјави за „Јуроњуз“ порано оваа година дека Албанија, заедно со Црна Гора, е „очигледно понапредна од другите земји-кандидати“.
Неговите забелешки беа повторени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзината посета на Тирана оваа есен.
„Сакам да нагласам дека кај Албанија има зачудувачко и извонредно забрзување во последните три-четири години“, рече таа на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.



