На 15 октомври, за време на втората меѓувладина конференција, Албанија официјално го отвори првиот кластер од пристапните преговори со ЕУ. На овој начин, Албанија беше одвоена од Македонија во евроинтегративниот процес и сама ќе продолжи напред.
Истовремено, италијанскиот брод „Либра“ тргна од пристаништето во Лампедуза, носејќи 16 мигранти од Бангладеш и Египет, кои беа пресретнати од италијанските власти на пат од Либија за Италија. „Либра“ ги истовари мигрантите во албанското пристаниште Шенѓин во средата, само една недела по официјалната инаугурација на центрите за мигранти, кои што станаа реалност по договорот склучен минатата година помеѓу Италија и Албанија.
Како што се вели во најновата анализа на тинк тенкот Советничка група за политики за Балканот во Европа (БиЕПАГ), договорот меѓу Италија и Албанија за мигранти од 2023 година беше потпишан врз основа на ветувањето на Италија да го забрза евроинтегративниот пат на Албанија и беше поддржан од Брисел, каде што очигледно се гледаше на договорот како индиректен услов. Земји како Германија и Велика Британија, исто така, разгледуваат слично партнерство со Албанија.
Од БиЕПАГ велат дека важно е да се напомене дека во јули, Германија потпиша договор во име на ЕУ со Србија за литиум, наспроти големите протести за заштита на животната средина во земјата, како и поткопувањето на владеењето на правото, изборните нерегуларности и недостатокот на слобода на медиумите за време на владеењето на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тоа отвора критично прашање: Иако Вучиќ е автократ, Германија и ЕУ решија да ја приоритизираат потребата за литиум. Во сличен контекст, во албанскиот премиер Еди Рама ЕУ гледаaт клучен партнер за справување со мигрантскиот проблем, среде растот на десничарските партии ширум ЕУ.
Но, дали евроинтегративниот процес навистина заживеа, се прашува во анализата на БиЕПАГ.
Отворањето на првиот кластер од пристапните преговори е позитивен чекор за Албанија, но не гарантира брз напредок кон членство во ЕУ.
Анализата потсетува и дека преговарачкиот процес не само што е бавен и долг, туку и неговото започнување не гарантира сигурен напредок. Случајот со Турција истакнува како преговорите можат да заглават и покрај иницијалните успеси. Турција официјално ги почна преговорите со ЕУ во 2005 година, откако доби кандидатски статус во 1999. Беа отворени неколку поглавјва од пристапниот процес, но напредокот беше закочен во 2016. Во март 2020, Европскиот парламент изгласа запирање на пристапните преговори со Турција поради нарушувања на човековите права.
Во случајот на Албанија, Италија не само што потпиша договор за мигранти со Албанија, туку и доби право да спроведува мерки на албанска територија со цел контрола на миграцијата. Ова е без преседан.
Во анализата се вели дека можно на Италија повеќе да и одговара да ја држи Албанија надвор од ЕУ, каде што ќе ги испраќа мигрантите, место да се справува со нив внатре во унијата.
Во меѓувреме, на прес-конференција во Брисел по повод отворањето на првиот кластер од преговорите со ЕУ, Рама му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека војната на Путин во Украина ги разбуди дури и најголемите скептици да ја видат реалноста дека Западен Балкан е потребен за посилна ЕУ.
„Како добар спин мајстор, Рама знае кога и каде да биде ироничен и дава такви изјави во обид да го сврти вниманието. Тој е свесен дека многумина ќе се фокусираат на неговите пофалби за Путин, место да се сконцентрираат на фактот дека Албанија официјално затвора мигранти за потребите на Италија и ЕУ“, се вели во анализата.