Албанија денеска го отвора последниот, шести кластер од пристапните преговори со Европска Унија, нагласувајќи ги своите амбиции да стане членка до крајот на деценијата. Кластерот наречен „Ресурси, земјоделство и кохезија“ опфаќа земјоделство, рибарство, безбедност на храната и политики за кохезија.
„Проширувањето е геополитичка неопходност за ЕУ и клучен приоритет за данското претседателство. Денешниот чекор на отворање на последниот преговарачки кластер со Албанија ја покажува посветеноста на земјата кон понатамошно унапредување на својот пат кон членство во ЕУ“, изјави Мари Бјер, министерката за европски прашања на Данска.
Албанија доби статус на кандидат за членство во 2014 и требаше во пакет со Македонија да ги почне преговорите, но нивните процеси подоцна беа одвоени зашто Бугарија ја блокираше Македонија поради историскиот и јазичниот спор. Тирана го отвори првиот кластер од преговорите во октомври лани, што значи дека ги отвори сите за нешто повеќе од една година.
Во последниот извештај на Европската комисија за проширувањето, Албанија доби најповолни оценки, заедно со Црна Гора. Во него беше наведено дека таа би можела да ги заврши преговорите до 2027 и да стане членка до 2030.



