На 15-ти октомври се очекува да се одржи Втора меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, по што ќе се отворат поглавјата од кластерот 1 „Темелни вредности“. Таква одлука едногласно донеле постојаните претставници на ЕУ на вчерашната средба во Брисел, објавија регионални и медиуми во Албанија.
„Се дознава дека сите земји членки на Европската унија, вклучително и Грција, се договориле втората меѓувладина конференција да се одржи кон средината на октомври“, објавија медиуми во Албанија.
Повикувајќи се на извори во албанскиот Парламент, тие велат дека на втори октомври албанската влада ќе ја достави нејзината преговарачка позиција до Брисел, а на 15-ти октомври ќе се организира Втората меѓувладина конференција. Претседателката на собраниската Комисијата за интеграции, Јорида Табаку, ги потсетила сите членови на комисијата дека документот за преговарачката позиција на албанската влада е доверлив и дека секој од нив се потпишал на изјава со која се обврзува дека нема да го објави.
Албанија, исто како и Македонија, официјално ги отвори преговорите за членство во ЕУ во јули 2022, по што почна процесот на аналитички преглед на нејзината законска регулатива, познат како процес на скрининг. Но, одржувањето на Втората меѓувладина конференција, односно стартот со отворање на првото поглавје, беше доведен во прашање поради несогласување на Грција, по апсењето на Фреди Белери, етнички Грк, кој лани во мај беше избран за градоначалник на албанското приморско гратче Химара. Тој беше уапсен под обвинение за купување гласови, што тој го негираше, а и покрај изборната волја на гласачите, не му беше дозволено да положи заклетва. Работите се сменија откако Белери (кој има двојно државјанство) беше предложен за европратеник од владејачката партија во Грција, Нова демократија, и доби место во Европскиот парламент. Тогаш албанските власти му дозволија да замине во Стразбур, да ја преземе функцијата пратеник и да гласа за избор на претседател на Европската Комисија. На почетокот на септември беше условно ослободен.
„Очигледно овој ќорсокак е надминат и кон средината на октомври Албанија ќе седне на преговарачка маса со Европската унија“, објавија денеска албанските медиуми.
За Македонија, услов за одржување на Втора меѓувладина конференција со ЕУ останува спроведувањето на уставни измени, со кои Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав. Албанија и Македонија беа во ист пакет на интеграцискиот пат кон ЕУ, но последната одлука за Албанија практично ќе значи раздвојување на двете земји.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, по минатонеделната средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, ја поздрави Македонија за геостратешката ориентација и посветеноста за пристапување кон ЕУ, но ја повика да ги почитува преземените обврски и да ги спроведува правно обврзувачките договори. Пред две недели, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, во однос на можноста за одржување Втора меѓувладина конференција со ЕУ за Македонија го употреби терминот „можеби“, но ако ги земјата ги исполни условите.
„Се надевам дека кластерот 1 ‘Основи’ со Албанија, и можеби со Северна Македонија би можеле да бидат отворени наскоро, откако ќе се исполнат условите поставени од Советот во случајот со Северна Македонија“, изјави еврокомесарот Вархеји.
Собраниска комисија во Софија денеска ќе расправа за неодамнешните изјави на вицепремиерот Александар Николоски. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјавил дека ќе ги повика колегите да не дејствуваат емотивно, туку разумно и ладно.
„Понекогаш велат дека одмаздата е најдобра кога се сервира ладна. Ние како држава мораме да се исправиме и да не го следиме тонот на некаков министер“, рече Борисов и додаде: „Не треба да изгледаме агресивни. Тактиката на нашите колеги во Северна Македонија е ние да бидеме виновни (…). Бугарија со ништо не го наруши добриот тон, кажавме само ‘оставка’, што е нормално (…) Албанија го прифати бугарското малцинство, а колeгите во Македонија треба да го понесат тоа што го создаде нивното досегашно однесување. Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции“.
Под француското претседателство со ЕУ, во јули 2022 Софија и Скопје се согласија Македонија да го измени својот Устав и во него да го вклучи бугарското малцинство, заедно со другите малцинства. Со тоа Софија би го укинала своето вето и преговорите на Македонија би напредувале. Договорот не е имплементиран, со што и пристапниот процес на Албанија остана закочен.