Кога италијанската премиерка Џорџа Мелони го објави својот план за сместување баратели на азил во Албанија, тоа беше претставено како одговор на мигрантската криза во Европа. Една година подоцна и по потрошени 67,5 милиони евра, шемата е заглавена во судските лавиринти без можност да се процесуираат барањата за азил, зградите стојат празни, а италијанскиот персонал се врати дома.
„Изгледа како град на духови. Внатре имаше нешто полицајци. Тие ништо не прават цел ден, зашто нема што да се прави“, изјави копретседателката на партијата Волт Европа, Франческа Романа Д‘Антуно, која кон крајот на ноември го посети центарот за сместување бегалци во Ѓадер.
Во октомври, првите 16 мигранти пристигнаа со италијански брод во новоизградените центри во Албанија. По само седум дена, сите 16 беа вратени во Италија откако судиите во Рим ја укинаа шемата. На крајот на ноември, дел од италијанскиот персонал почна да се враќа дома.
Извори од италијанската амбасада во Албанија изјавија за сајтот „Политико“ дека и покрај намалувањето на работниот кадар, сите станици остануваат целосно опремени, вклучувајќи редовни полициски смени, во случај ненадејно да пристигнат бегалци.
Проектот се состои од центар за прием и сортирање во крајбрежниот град Свети Јован и од центар за сместување во Ѓадер, сместен во внатрешноста. Шефот на пристаништето во Свети Јован, Сандер Мараши, кажа дека со недели не дошле мигранти, додека италијанските полицајци ги поминуваат деновите во хотел со пет ѕвезди, уживајќи во сонцето и морските плодови. За тоа време, кадарот во Ѓадер е изолиран и се досадува.
Во април италијанската влада издвои 65 милиони евра за изградбата на двата центра и уште 2,5 милиони евра за трошоците на италијанскиот кадар за 2024. Се проценува дека италијанската влада ќе потроши 680 милиони евра во следните пет години за водење и одржување на центрите, кои официјално беа отворени на 11 октомври.
„Тоа е многу скапа чекалница“, кажа холандската европратеничка Ана Строленберг, која исто така го посети Ѓадер.