Богатата провинција Алберта ќе одржи референдум дали да остане во Канада или ќе продолжи со втор, обврзувачки референдум за отцепување, што е најголемиот тест за единството на Канада во последните децении. Објавата на регионалната премиерка Даниеле Смит следува откако петицијата за отцепување собра повеќе од 300.000 потписи, додека друга петиција за останување во Канада собра над 400.000 потписи.
Сепак, анкетите покажуваат дека мнозинството жители на Алберта би гласало за отцепување. Смит објави дека референдумот ќе се одржи на 19 октомври. Референдумското прашање ќе биде: „Дали Алберта треба да остане покраина на Канада или владата на Алберта треба да започне со законскиот процес потребен според канадскиот устав за одржување обврзувачки покраински референдум за тоа дали Алберта треба да се одвои од Канада?“.
Смит кажа дека ќе гласа за останување во Канада, додавајќи дека тоа е ставот и на нејзината влада и нејзините гласачи.
Квебек двапати гласаше за отцепување од Канада, последно во 1995, кога 50,58% луѓе гласаа „за“. Дури и ако референдумот во октомври помине, пред Алберта би бил долг и неизвесен пат.
На почетокот на мај, премиерот Марк Карни рече дека секој обид за одвојување на покраината мора да ги следи правилата утврдени со Законот за јасност, воведен по референдумот во Квебек во 1995.
Во западната покраина со четири милиони жители долго време постои незадоволство од владата во Отава, особено околу развојот на нејзините природни ресурси. Некои жители на Алберта веруваат дека федералната влада застанала на патот на нафтената и гасната индустрија во покраината во корист на проеколошкото законодавство. Исто така, долго време постои верување дека покраината, која е богата со ресурси, повеќе придонесува за земјата одошто добива.



