САД ќе ја надмине Русија како најголем производител на нафта во светот најдоцна до 2019 година, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол на настан во Токио кажа дека САД ќе ја надмине Русија како најголем производител на нафта „дефинитивно следната година“, ако не и оваа.
„Растот на нафтата од шкрилци во САД е многу силен, темпото е многу силно… САД ќе стане производител на нафта број 1 многу наскоро“, изјави Бирол за „Ројтерс“.
Производството на нафта на САД надмина 10 милиони барели дневно на крајот од минатата година за првпат по 70-тите години од минатиот, надминувајќи го производството на Саудиска Арабија.
Американската администрација на почетокот на февруари кажа дека производството на САД ќе надмине 11 милиони барели дневно до крајот на 2018 година, со што ќе ја надмине и Русија.