Америка оди во пеколот, кажа Доналд Трамп откако вчера стана првиот американски претседател кој бил уапсен и се соочил со кривични дела, вкупно 34. Тој се изјасни како невин по сите обвиненија и по напуштањето на судот во Њујорк изјави дека не постои никаков случај против него.
„Ништо незаконско не сум направил! Ова е навреда за нашата земја и светот веќе ни се смее. Единственото злосторство што сум го извршил е што бестрашно сум ја бранел нашата нација од оние кои се обидуваат да ја уништат. Овие обвинувања се само уште еден партиски напад. Секој експерт и правен аналитичар кажа дека овдека нема случај. Истото ми го кажаа и моите адвокати“, изјави Трамп по враќањето во Флорида.
Трамп се соочува со 34 кривични дела на фалсификување деловни извештаи од прв степен и сите се поврзани со исплатата на 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс пред изборите во 2016. Тоа имало за цел да ја спречи да зборува јавно за наводниот сексуален однос со Трамп десет години порано.
Сепак, окружниот обвинител Алвин Браг, кој го води случајот, изјави дека „Трамп постојано со измама ги фалсификувал деловните извештаи во Њујорк за да прикрие криминално однесување и штетни информации од гласачите за време на претседателските избори во 2016 година“. Тој додаде дека Трамп и другите вклучени во шемата на тој начин ги прекршиле изборните закони.
Иако случајот се фокусира на исплатата на Даниелс, обвинителите спомнаа уште една жена, која исто така добила пари од Трамп.
Медиумите ја идентификуваа како поранешниот модел на „Плејбој“, Карен Мекдугал, која тврдеше дека десет месеци била во врска со Трамп. Пред изборите во 2016, таа потпишала договор вреден 150.000 долари за да ја раскаже својата приказна за еден американски таблоид. Сепак, приказната никогаш не беше објавена, а Мекдугал кажа дека била намамена да молчи за оваа врска.
Судијата Хуан Мерчан им даде рок на адвокатите на Трамп до 8 август да поднесат какви било предлози, како што е предлог за поништување на случајот.