АМЕРИКАНСКИТЕ ОДГОВОРИ НА НАШИТЕ БАРАЊА ЗА УКРАИНА НУДАТ МАЛКУ ОПТИМИЗАМ, ВЕЛИ МОСКВА

    АМЕРИКАНСКИТЕ ОДГОВОРИ НА НАШИТЕ БАРАЊА ЗА УКРАИНА НУДАТ МАЛКУ ОПТИМИЗАМ, ВЕЛИ МОСКВАРусија кажа дека наскоро може да се очекува нејзината реакција на одговорите од Вашингтон (Фото: АП)

    Американското одбивање на главните барања на Русија за решавање на кризата околу Украина нуди малку простор за оптимизам, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, додавајќи дека дијалог сè уште е можен.

    Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, нешто од што стравуваат САД и сојузниците од НАТО, бидејќи таа распореди 100.000 војници покрај границата и организира воени вежби. Москва испрати низа барања за кои вели дека ќе ја подобрат безбедноста во Европа. Едно од нив е Украина никогаш да не стане членка на НАТО.

    Како и што се очекуваше, САД и НАТО не се согласија на никакви отстапки кон Русија, иако државниот секретар Ентони Блинкен кажа дека писмените одговори што ги доби Москва можат да отворат пат за дипломатско решавање на кризата, ако таа сака. Содржината на документот нема да биде објавена јавно.

    „Одговорот што го добивме од САД е сличен на оној што го добивме од НАТО и остава малку простор за оптимизам. Сепак, секогаш има изгледи за продолжување на дијалогот, тоа е во интерес на двете страни“, изјави Песков.

    Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека наскоро може да се очекува руската реакција. Владимир Путин претходно предупреди дека ќе нареди неодредени „воено-технички мерки“ ако западот ги одбие руските безбедносни барања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира