Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Њујорк дека американските санкции за Српската нафтена индустрија (НИС) стапуваат во сила на 1 октомври, откако Вашингтон ги одложи за само четири дена.
„Тоа не е убава вест, ама е очекувана. Ние сме колатерална штета на односите помеѓу Американците и Русите, западот и истокот. Бевме исклучително коректни и кон американските и кон руските партнери, но ќе платиме многу висока цена“, кажа Вучиќ.
Тој предупреди дека Србија ја чекаат тешки времиња и тешка зима, но ќе дадат од себе граѓаните да имаат топли домови и гориво за автомобилите.
Минатата недела, НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за издавање посебна лиценца со која се одложува примената на санкциите и се овозможува оперативните активности на компанијата да се извршуваат непречено и по 26 септември, до кога важеше претходната лиценца. САД досега шест пати го одложија активирањето на санкциите за НИС, кои беа воведени поради мнозинското руско сопствеништво.
Од НИС соопштија дека имаат обезбедено доволно залихи сурова нафта за преработка и доволни количини нафтени деривати за снабдување на пазарот во овој момент.
Експертот за енергетика Жељко Марковиќ изјави дека во првиот период нема да има видливи последици и недостиг на гориво, но проблеми ќе се појават ако оваа состојба потрае.
„За првите два-три месеци имаме државни резерви, па ланецот на снабдување нема да биде погоден. Но, ако ова потрае, ќе дојде до недостиг што може да го поскапи горивото“, кажа Марковиќ за „Н1“.