САД ги објавија резултатите од клиничките тестирања на вакцината против ковид-19 на Оксфорд и „АстраЗенека“, кои кажуваат дека таа е безбедна и делотворна. Во истражувањето учествувале 32.000 волонтери од САД, Перу и Чиле.
Тоа покажа дека вакцината има 79-процентна ефективност во запирањето на симптоматски случаи на ковид-19 и дава стопроцентна заштита од сериозно разболување. Исто така, не биле откриени никакви проблеми со нејзината безбедност, вклучувајќи и згрутчување на крвта.
Повеќе од десет европски земји привремено ја имаа прекинато употребата на оваа вакцина поради загриженоста околу несакани ефекти, додека Европската агенција за лекови и Светската здравствена организација цело време уверуваа дека таа е безбедна.
Околу една петина од учесниците во американското истражување имале над 65 години, при што било утврдено дека вакцината им дава исто ниво на заштита како и на помладите возрасни групи. Недостигот на доволно докази принуди некои земји да не ја даваат оваа вакцина на лица постари од 65 години.