АРГЕНТИНА ВОВЕДЕ САНКЦИИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НАФТА ОКОЛУ ФОЛКЛАНДСКИТЕ ОСТРОВИ

    АРГЕНТИНА ВОВЕДЕ САНКЦИИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НАФТА ОКОЛУ ФОЛКЛАНДСКИТЕ ОСТРОВИПретседателот Хавиер Милеи повторно го истакна барањето на Аргентина за враќање за островите кои се британска територија и изјави дека ќе воведе санкции за сите нафтени компании што работат во тој регион. (Фото: ДПА)

    Аргентина презеде чекори за заострување на мерките против истражувањето на нафта во близина на Фолкландските Острови, покренувајќи постапки за санкционирање на 45 лица и компании. Кабинетот на претседателот Хавиер Милеи ја објави оваа нова мерка на платформата Икс, откако тој вети построги дејствија против компаниите што работат на оваа британска територија и повторно го истакна барањето на земјата за суверенитет над тоа подрачје.

    Аргентинската влада соопшти дека постапки би можеле да се поведат и против акционери и компании што обезбедуваат услуги за фирмите вклучени во нафтените проекти. Во вчерашното обраќање до нацијата Милеи повторно го истакна барањето на Аргентина за враќање на островите и изјави дека ќе воведе санкции за сите нафтени компании што работат во тој регион.

    Обновените тензии околу оваа британска прекуморска територија уследија откако американскиот претседател Доналд Трамп навести дека САД нема да ѝ помогнат на Велика Британија во евентуален иден конфликт за Фолкландските Острови. По обраќањето на Милеи, министерот за надворешни работи Ед Милибанд напиша на Икс: „Ставот на Велика Британија за Фолкландските Острови е непоколеблив.Островите се британски и такви ќе останат, бидејќи тоа е ставот на огромното мнозинство од жителите на островите. Нивното право на самоопределување е од првостепено значење, втемелено во меѓународното право, и ние решително ќе го браниме“.

    Министерот за одбрана Вес Стритинг изјави дека посветеноста на Велика Британија кон Фолкландските Острови е „апсолутна и непоколеблива“.

    Од британската Влада навестија дека нема да има дипломатски одговор од Обединетото Кралство на заканите на Милеи, бидејќи земјата се стреми да ги зајакне односите со таа држава.

    На референдумот во 2013 година, жителите на Фолкландските Острови со огромно мнозинство гласаа за задржување на статусот на британска прекуморска територија, при што 99,8 % гласаа „за“, а само тројца гласаа „против“. Иако САД формално се неутрални, Вашингтон ѝ пружи поддршка на британската кампања за враќање на контролата врз островите по аргентинската инвазија во 1982 година. Тоа доведе до Фолкландската војна, во која загинаа 255 британски војници за нешто повеќе од 70 крвави дена. Исто така, во конфликтот загинаа 655 Аргентинци и тројца жители на Фолкландските Острови.

    Во говорот, Милеи изјави: „Нашата улога и значење како земја во светот драстично се променети. Фолкландските Острови се нашата иднина – мораме да ги вратиме овие острови кои се од национално значење. Не постои друг пат напред“. Тој најави дека ќе потпише декрети за воведување санкции против сите компании што работат на експлоатација на нафта во тој регион.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира