Аргентинската полиција уапси маж во Буенос Аирес кој поседувал голем број стари нацистички оружја украсени со симболи на Третиот Рајх од злогласниот режим на Адолф Хитлер, соопштија властите. Полицијата запленила над 60 огнени оружја од домот на мажот, меѓу кои и 43 пушки со нацистички ознаки на орел, 15 пиштоли, пет бајонети и еден митралез, според извештајот на федералната полиција на Аргентина.
Нацистички знамиња, воени униформи, капи, шлемови, како и бисти на Хитлер, исто така беа конфискувани од властите, се вели во извештајот. Персоналот од Музејот на холокаустот во Буенос Аирес помогна во акцијата на полицијата.
Домот во кој се пронајдени предметите се наоѓа во градот Килмес, во близина на јужниот раб на општината Буенос Аирес, главниот град. Полицијата го следела мажот откако отпатувал во странство и бил вмешан во истрагата иницирана од федералната полиција на Босна и Херцеговина.
По Втората светска војна, многу нацистички службеници, меѓу кои и озлогласениот надзорник на логорот на смртта, Адолф Ајхман, емигрирале во Аргентина за да избегнат судења за воени злосторства. Минатата година, локалните безбедносни сили извршија рација и затворија аргентинска книжарница која продаваше книги за нацизмот преку Интернет.