АСАНЖ ОДБИЛ ДА ПАТУВА ВО САД, ПА ЌЕ БИДЕ ОСУДЕН НА ПАЦИФИЧКИ ОСТРОВ, ПРЕД ДА СЕ ВРАТИ ВО АВСТРАЛИЈА

    АСАНЖ ОДБИЛ ДА ПАТУВА ВО САД, ПА ЌЕ БИДЕ ОСУДЕН НА ПАЦИФИЧКИ ОСТРОВ, ПРЕД ДА СЕ ВРАТИ ВО АВСТРАЛИЈААсанж ќе се изјасни како виновен за едно кривично дело, место оригиналните 18 (Фото: АП)

    Џулијан Асанж одбил да патува во САД за финализирање на спогодбата со американските власти, па тој утре ќе биде сослушан и осуден во судот на пацифичкиот остров Саипан, пред да замине за родната Австралија како слободен човек.

    Попознат по песочни плажи и остатоци од бродови од Втората светска војна, тропскиот остров Саипан, кој е дел од американската територија Маријански Острови, ќе го нагости последниот чин од 14-годишната правна сага на основачот на Викиликс.

    Асанж таму ќе се изјасни како виновен за едно кривично дело, место оригиналните 18, по што ќе биде осуден на 62 месеци затвор, што веќе ги одлежа во Велика Британија, па се очекува веднаш потоа да го продолжи патувањето за Австралија.

    Во писмо до американското министерство за правда, Асанж рекол дека не сака доброволно да се врати во континенталната Америка зашто не ѝ верува на американската влада, велејќи дека таа сакала да го убие. Од таа причина бил избран Саипан, кој е поблиску до Австралија отколку до Хаваи.

    Според неговата сопруга Стела, Асанж вчера излегол од лондонскиот затвор Белмарш, каде што ги помина последните пет години, по што бил одведен во Високиот суд во Лондон, за потоа да биде качен на авион. Таа го потврди договорот помеѓу Асанж и министерството за правда на САД, додавајќи дека тој ќе се изјасни како виновен за заговор за добивање и откривање доверливи документи за американската национална одбрана.

    Стела Асанж кажа дека до напредок во случајот дошло откако Високиот суд во Лондон почнал да ја разгледува неговата уставна заштита која произлегува од слободата на медиумите. Асанж секогаш ги негираше обвинувањата против него, тврдејќи дека неговите активности биле чин на новинарство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира