Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (ИАТА), која ги претставува авиокомпаниите низ светот, се изјасни против блокадата за користење на средното седиште во авионите и препорача патниците и екипажот да носат заштитна маска.
„Доказите сугерираат дека ризикот од пренесување на коронавирусот во авион е мал. Носењето маска ќе го редуцира и онака малиот ризик и ќе се избегне драматично зголемување на цената на авионското патување, што би произлегло од воведувањето на мерките на социјално дистанцирање“, се вели во соопштението на ИАТА.
Оттаму додаваат дека со забраната за користење на одредени седишта авиокомпаниите ќе продаваат помалку билети и дополнително ќе им се намалат и онака намалените приходи.
„Во такви услови, ниедна авиокомпанија нема да може да лета и да заработува. Во споредба со лани, цената на авионските билети драматично би можела да порасне, од 43% до 54%, во зависност од регионот“, велат од ИАТА.