Авиокомпаниите почнаа да откажуваат летови кон Украина или да ги пренасочуваат поради зголемениот страв дека руска инвазија може да се случи во секој момент, и покрај засилените дипломатски напори овој викенд.
Русија негира дека планира да ја нападне Украина, иако распореди над 100.000 војници долж границата и американски извори велат дека нејзината борбена моќ стигнала до точката кога е подготвена да изврши инвазија.
Холандскиот авиопревозник „КЛМ“ објави дека на неодредено време ги прекинува летовите за Украина. Речиси 200 холандски државјани загинаа во соборувањето на малезискиот авион во украинскиот воздушен простор во 2014, за што беа обвинети руските бунтовници.
И украинската чартер компанија „Скајап“ соопшти дека нејзиниот лет од Португалија за Киев бил пренасочен кон Молдавија.
Ова следува ден откако Бајден и Макрон телефонски разговараа со Путин, кој бил предупреден дека Русија ќе се соочи со брзи и тешки последици во случај на инвазија, иако САД и НАТО не планираат да испратат војници во Украина.
„Бајден беше јасен дека иако САД и сојузниците и натаму се посветени на дипломатското решение на кризата, тие се еднакво подготвени и за други сценарија“, кажаа од Белата куќа.
Во меѓувреме, САД и Канада потврдија дека ќе ги преселат своите дипломатски активности од Киев во Лавов во близина на полската граница.