Патнички авион на авиокомпанијата „Аџет“ на летот Приштина-Истанбул, синоќа се излизга од пистата веднаш по слетувањето на Меѓународниот аеродром „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул. Авионот „боинг 737-800“, кој слета на нова писта, отстапи од патеката за движење и заврши на мек терен неколку моменти по слетувањето. Нема повредени во инцидентот.
Времето било врнежливо, а пистата мокра, објавија неколку веб портали специјализирани за авијација.
„Аџет“, ребрендираната поранешна „Анадолу“, е нискобуџетна компанија на „Туркиш ерлајнс“, а има летови и од Скопје за Истанбул на аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во азискиот дел од турската метропола.
Поради инцидентот, компанијата која управува со аеродромот објави дека пистата останува затворена за сообраќај до понатамошно известување. Затворањето на една од главните писти за време на интензивниот сообраќај предизвика значителни доцнења, при што некои авиони беа принудени да се пренасочат или да ги повторат процедурите за слетување.
Тимови за итни случаи и технички тимови од аеродромот веднаш беа испратени на местото на настанот, а екипи работеа на безбедно отстранување на авионот од теренот каде што е заглавен. Турските власти објавија дека пистата ќе остане затворена додека не се заврши операцијата за спасување и отстранување на авионот. Паралелно, Турската управа за цивилно воздухопловство (TAA) и администрацијата на аеродромот започнаа истраги за да ги утврдат причините за инцидентот.



