АВИОН ПРЕГАЗИ ЧОВЕК НА ПИСТАTA ПРИ ПОЛЕТУВАЊЕ ВО ДЕНВЕР, ПО ШТО ИЗБИ ПОЖАР ВО МОТОРОТ И ПАТНИЦИТЕ БЕА ЕВАКУИРАНИ

    АВИОН ПРЕГАЗИ ЧОВЕК НА ПИСТАTA ПРИ ПОЛЕТУВАЊЕ ВО ДЕНВЕР, ПО ШТО ИЗБИ ПОЖАР ВО МОТОРОТ И ПАТНИЦИТЕ БЕА ЕВАКУИРАНИПатниците биле евакуирани преку тобоганите за итни случаи, по што со автобуси биле префрлени до терминалот. (Фото: Икс)

    Авион на американската компанија „Фронтиер ерлајнс“ удри и усмрти човек на пистата на меѓународниот аеродром во Денвер за време на полетување, по што изби пожар во еден од моторите и патниците мораа итно да се евакуираат. Летот 4345 беше за Лос Анџелес, а според официјалните информации од аеродромот, пилотот пријавил дека удрил во пешак во петокот околу 23:20 часот по локално време.

    Од аеродромот во Денвер соопштија дека лицето кое го загуби животот ја прескокнало заштитната ограда на објектот. Иако идентитетот на жртвата сè уште не е потврден, се верува дека станува збор за вработен на аеродромот кој бил присутен на теренот само две минути пред да се случи ударот.

    Во аудиоснимките од комуникацијата со контролната кула, пилотот известил дека леталото застанало на пистата поради удар во човек и појава на оган во моторот. Тој соопштил дека во авионот има 231 лице и дека во кабината се појавил чад, по што била донесена одлука за итна евакуација на патниците директно на пистата.

    Од „Фронтиер ерлајнс“ наведоа дека во авионот „Ербас А321“ имало 224 патници и седум членови на екипажот. Патниците биле евакуирани преку тобоганите за итни случаи, по што со автобуси биле префрлени до терминалот. Националниот одбор за безбедност во транспортот ја почна истрагата за инцидентот, а пистата 17L ќе остане затворена додека траат вештачењата.

    Овој настан се случува само еден ден по смртта на вработен на „Делта ерлајнс“ на аеродромот во Орландо, кој настрада при удар со возило во близина на авион со патници. Исто така, на почетокот на месецов беше забележан инцидент во Њу Џерси, каде авион на „Јунајтед ерлајнс“ удри во камион за достава и во столб по слетувањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира