Авионот на Туркиш ерлајнс на утринската редовна линија од Истанбул за Скопје кој по редот на летање треба да слета во 8.30 часот не е откажан и се очекува да слета со двочасовно задоцнување. Со задоцнување ќе полета назад и кон Истанбул од Скопскиот аеродром.
Според информациите објавени на официјалната веб страница на аеродромот Ататурк, сообраќајот постепено се нормализира. Иако повеќето утрински летови се откажани, дел од авионите со задоцнување сепак веќе полетуваат од Истанбул. Меѓу нив е најавен и летот за Скопје.
Синоќа, авионот од Скопје, на редовната линија на Туркиш ерлајнс за Истанбул, поради терористичкиот напад беше пренасочен кон Измир, каде што слета околу полноќ по локално време.
Во терористичкиот напад на тројца бомбаши самоубијци на терминалот за пристигнување загинаа 36 луѓе и 147 се повредени. Турскиот премиер Јилдирим доцна ноќеска рече дека меѓу загинатите повеќето се турски државјани. Нема информации дали меѓу настраданите има и македонски државјани.
Во текот на ноќта Федералната авијациска агенција на САД привремено го сопре авиосообраќајот помеѓу САД и Турција. Во моментот на терористичкиот напад во воздухот имало 10 авиони кои летале од различни градови на САД кон Истанбул, соопштија американските воздухопловни власти. Утринава забраната за летови е укината.
Само ден пред терористичкиит напад, во понеделникот, американскиот Стејт департмент на официјалната веб страница издаде обновено предупредување со совети за американските државјани да бидат претпазливи поради опасноста од терористички закани во Турција.
Аеродромот „Ататурк“, кој е менаџиран од компанијата „Тав“, што е концесионер и на македонските аеродроми во Скопје и Охрид, со 60 милиони патници во 2015 година е на трето место во Европа и единаесетти во светот.