Францускиот амбасадор во Австралија изјави дека земјата направила голема грешка што изненадувачки откажа голем договор за изградба на подморници во полза на нов безбедносен пакт со Велика Британија и САД. Жан-Пјер Тебо денеска ја напушти својата резиденција во Канбера, откако Париз го отповика, заедно со амбасадорот во САД, во знак на протест поради новиот пакт АУКУС.
„Ова беше огромна грешка, многу, многу лошо однесување кон партнерство. Тоа не беше договор, туку партнерство кое требаше да се базира на доверба, заемно разбирање и искреност“, изјави Тебо.
Според 66 милијарди долари вредниот договор од 2016 година, француската државна компанија „Навал груп“ требаше да изгради флота од 12 конвенционални дизелско-електрични подморници. Место тоа, Австралија ќе добие најмалку осум подморници на нуклеарен погон, за што технологија ќе обезбедат САД и Британија.
„Би сакал да можев да влезам во временска машина и да се вратам во момент во кој не сме во ваква неверојатна, несмасна, несоодветна, неавстралиска ситуација. Како и многумина, и јас за овој договор дознав од медиумите. Никогаш не бевме информирани за вака значајни промени“, кажа Тебо.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека се откажале од конвенционални подморници зашто тие не одговарале на стратешките безбедносни потреби на Австралија во Индо-Пацификот.