Австрија објави дека до август ќе им испорача 651.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ на шесте земји од Западен Балкан, како дел од шемата на Европската Унија да им се помогне на соседните држави и Африка. БиХ ќе добие најголем дел – 214.000 дози, додека на Македонија ќе ѝ припаднат 119.000.
Европската комисија во јануари ги претстави своите планови за механизам за споделување вакцини и Австрија кажа дека ќе биде негов координатор за Западен Балкан и дека ова нема да биде последна испорака.
И додека Србија ја спроведува една од најбрзите имунизации против ковид-19 во Европа, Македонија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија имаа помал успех. Недостигот на вакцини дури довел до улични протести во БиХ.
„Со оваа иницијатива покажуваме дека не го оставаме регионот зад нас. Австрија лично преговараше со ‘Фајзер/Бионтек‘ за овие земји да добијат вакцини“, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг.
Австрија сама ќе ги финансира овие вакцини со 11 милиони евра, иако тоа ќе биде покриено од европските фондови за помош на земјите-кандидатки за членство во ЕУ.
„Овие дози не се од националната квота. Ова се вакцини што Европската Унија од старт ги намени за своите партнери“, кажа Шаленберг, додавајќи дека дистрибуцијата ќе почне следниот месец.