Источноукраинскиот град Бахмут беше жестоко бомбардиран денеска како најава на нова голема руска офанзива, која се совпаѓа со скорешната прва годишнина од почетокот на инвазијата.
„Украинските бранители, кои го држат градот со месеци, очекуваат нови копнени напади. Позициите во Бахмут се утврдени и во него смеат да влезат само луѓе со војничка улога“, објави украинската војска.
Иако стратешката важност на Бахмут се доведува во прашање, неговото освојување би ѝ донело ретка победа на руската војска во изминатите месеци.
Според генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, долгоочекуваната руска офанзива е почната.
„Реалноста што ја гледаме е дека таа веќе е почната. Владимир Путин испраќа илјадници и илјадници војници, прифаќајќи висока стапка на жртви и големи загуби, сè со цел да се изврши притисок врз Украинците. Нема никакви назнаки дека Путин се подготвува за мир. Тој и Русија сакаат да ја контролираат Украина“, кажа Столтенберг.
Рускиот напад на Бахмут го предводат платениците на „Вагнер“, додека руските државни медиуми објавија дека руската војска напредувала два километра во изминатите четири дена, не прецизирајќи во кој дел од фронтот.
„Градот, предградијата, целиот периметар се изложени на луди, хаотични гранатирања. Иако моментално нема борби во центарот на градот, бранителите се подготвени да се соочат со секаков напад. Градот е утврда, секоја позиција, секоја улица и секоја зграда е утврда“, изјави Володимир Назаренко, заменик-заповедникот на украинскиот баталјон „Свобода“.