БАЈДЕН БАРА ОД КОНГРЕСОТ УШТЕ 33 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЗА ОДБРАНА НА УКРАИНА

    БАЈДЕН БАРА ОД КОНГРЕСОТ УШТЕ 33 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЗА ОДБРАНА НА УКРАИНАБајден кажа дека САД се спремни на сè што би можела да направи Русија (Фото: АП)

    Џо Бајден изјави дека САД не ја напаѓаат Русија, туку ја помагаат одбраната на Украина и побара од Конгресот да одобри нов пакет воена, економска и хуманитарна помош за Киев вреден 33 милијарди долари, што би се реализирал во следните пет месеци. Според предлогот на Бајден, повеќе од 20 милијарди би биле во вид на воена помош за Украина и околните земји.

    „Благодарение на помошта што досега сме ја обезбедиле, руските сили се повлекоа од Киев, но тоа не значи дека нема да се вратат. Затоа е многу важно дополнително да ја помогнеме Украина, и воено и финансиски“, кажа Бајден.

    Новиот предложен пакет е повеќе од двојно поголем од првичните 13,6 милијарди долари воена и економска помош за Украина и западните сојузници, што Конгресот го одобри минатиот месец. Бајден кажа дека овие средства се веќе исцрпени.

    „Во суштина, веќе немаме пари, па со цел да ја одржиме поддршката за Украина, барам од Конгресот дополнителен буџет за да продолжи испораката на муниција, оружје и економска и хуманитарна помош. Цената на оваа борба не е мала, но потклекнувањето пред агресија ќе биде уште поскапо. Клучно е оваа помош да биде одобрена што е можно побрзо“.

    Тој кажа дека Русија е агресор и мора да одговара за тоа.

    „Како што Путин избра да ја почне оваа брутална агресија, така може да избере и да ја заврши. Агресијата нема да победи, заканите нема да победат“

    Запрашан дали САД сега се во индиректна, прокси-војна со Русија и дали е загрижен за можен одговор од Кремљ, Бајден одговори:

    „Спремни сме на сè што би можеле да направат“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира