Џо Бајден им порача на американските државјани веднаш да ја напуштат Украина поради зголемената закана од руска инвазија. Тој додаде дека нема да праќа војници за да спасуваат Американци.
„Работите во регионот многу брзо би можеле да станат луди“, изјави Бајден.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако распореди над 130.000 војници долж границата и неделава почна воени вежби во Белорусија.
„Американските државјани би требало веднаш да си заминат од Украина. Се соочуваме со една од најголемите армии на светот. Америка нема да праќа војници за да извлекува американски граѓани. Ќе имаме нова светска војна кога Американците и Русите ќе почнат да пукаат едни на други“, изјави Бајден.
Во меѓувреме, светските лидери продолжуваат со своите дипломатски напори за смирување на кризата. Русија и Украина доцна синоќа објавија дека не бил постигнат никаков напредок во последните разговори со француски и германски официјални лица.
Британските министри за одбрана и надворешни работи Бен Волас и Лиз Трас вчера беа во Москва, при што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја опиша средбата како разговор на немиот со глувиот.