Целосно вакцинираните Американци од денеска не мора да носат маска во повеќето внатрешни и надворешни средини, што Џо Бајден го опиша како голем ден за Америка. Тој ја тргна маската од лицето во својот кабинет откако беа соопштени новите препораки на здравствените власти.
„Правилото е едноставно: вакцинирајте се или носете маска додека не го направите тоа. Изборот е ваш“, кажа Бајден.
Носењето маска и натаму се препорачува во внатрешни простори каде што има многу луѓе, како автобуси, авиони и болници. Според новите препораки на Центарот за контрола и превенција на болести, социјална дистанца како мерка исто така се укинува за целосно вакцинираните.
Бајден повика и на целосно отворање на училиштата наесен, што следува откако беше одобрена употребата на ковид вакцината на „Фајзер/Бионтек“ за деца од 12 до 15 години.
Ширењето на коронавирусот во САД е на најниско ниво од септември, а бројот на смртни случаи е најмал уште од април минатата година.