БАЈДЕН ПОД ПРИТИСОК ДА МУ СЕ ОДМАЗДИ НА ИРАН ЗА ВЧЕРАШНИОТ НАПАД ВО ЈОРДАН, ЗА КОЈ ОДГОВОРНОСТ ПРЕЗЕДЕ ГРУПАТА ИСЛАМСКИ ОТПОР

    БАЈДЕН ПОД ПРИТИСОК ДА МУ СЕ ОДМАЗДИ НА ИРАН ЗА ВЧЕРАШНИОТ НАПАД ВО ЈОРДАН, ЗА КОЈ ОДГОВОРНОСТ ПРЕЗЕДЕ ГРУПАТА ИСЛАМСКИ ОТПОРОд упадот на Хамас во Израел на 7 октомври, милициите на Исламски отпор извеле над 150 напади врз американските бази во Сирија и Ирак

    Американскиот претседател Џо Бајден се наоѓа под политички притисок да возврати за вчерашниот напад во Јордан, во кој загинаа тројца Американци, а над 30 беа ранети. Повиците одат дотаму што се бараат напади врз самиот Иран, откако тој за нападот ги обвини радикалните проирански милитантни групи кои дејствуваат во Сирија и Ирак. Иран негираше дека е вмешан во инцидентот.

    Ирачката шиитска група Исламски отпор кажа дека стои зад вчерашниот напад со дрон, во кој биле погодени станбени простории, на што се должи големиот број жртви. Оваа група се појави кон крајот на 2023 и се состои од неколку проирански милиции кои оперираат во Ирак. Од упадот на Хамас во Израел на 7 октомври, тие извеле над 150 напади врз бази во Сирија и Ирак во кои што се сместени американските сили, но до вчера во нив немаше загинати.

    Шиитските вооружени групи поврзани со Иран станаа моќни играчи во Ирак по американската инвазија во 2003 и денес бројат десетици илјади борци. Тие имаа клучна улога во борбите против Исламска држава. Меѓу нив се истакнуваат Катаиб Хезболах и Нуџаба, кои се тесно поврзани со Иранската револуционерна гарда и се вооружени со дронови, ракети и балистички проектили.

    Бајден изјави дека САД ќе одговорат на вчерашниот напад, но не кажа како. Тој се воздржува од директните напади врз цели во Иран, стравувајќи дека тоа би можело да доведе до поширока војна.

    Бајден ги остави нашите војници како глинени гулаби. Единствениот одговор на вакви напади мора да биде уништувачка воена одмазда против иранските терористички сили, како во самиот Иран, така и низ Блискиот Исток“, изјави републиканскиот сенатор Том Котон.

    И други републикански сенатори го повикаа Бајден да преземе акција против Техеран, додека Доналд Трамп кажа дека вчерашниот напад е последица на слабоста и предавањето на Бајден.

    Експертите предупредуваат дека какви било напади врз иранските сили во Иран би можеле да го принудат Техеран да одговори силно, ескалирајќи ја ситуацијата на начин што би можел да ги вовлече САД во голема војна на Блискиот Исток.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира