Џо Бајден изјави дека руската војна во Украина се претвори во геноцид и го обвини Владимир Путин дека се обидува да ја искорени идејата да се биде Украинец.
„Да, ја нареков војната геноцид. Станува сè појасно и појасно дека Путин се обидува да ја искорени и самата идеја да се биде Украинец“, кажа Бајден пред враќањето во Вашингтон.
Претходно, на настан во Ајова, тој кажа дека мисли дека Путин спроведува геноцид во Украина, без да изнесе детали.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го пофали Бајден за овој коментар, додека се обидува да ги охрабри западните лидери да го користат терминот геноцид за опишување на руската инвазија.
„Вистински зборови од вистински лидер! Именувањето на работите со вистинските имиња е суштинско за спротивставување на злото“, изјави Зеленски.
Бајден додаде дека адвокатите треба да кажат дали руското однесување ги исполнува меѓународните стандарди за геноцид, но дека на него така му изгледа.
„Излегуваат сè повеќе и повеќе докази за ужасните работи што Русите ги имаат направено во Украина и ќе се откриваат уште повеќе“, изјави Бајден.