Џо Бајден изјави дека е убеден во победа на претседателските избори додека броењето гласови продолжува да се одвива во негова корист.
Кандидатот на Демократите и натаму е на 253 од потребните 270 електорски гласови, но во Пенсилванија има предност од речиси 29.000, а во Невада од 22.000 гласови. Тој има водство и во Аризона и Џорџија, која објави дека повторно ќе ги брои гласовите бидејќи разликата помеѓу двајцата кандидати е премала за да прогласи победник.
„Ќе ја добиеме оваа трка. На добар пат сме да освоиме 300 електорски гласови. Над 74 милиони Американци досега гласаа за нас, што е рекорд во историјата на изборите во САД“, изјави Бајден пред своите приврзаници во Вилмингтон, Делавер.
Во Пенсилванија, каде што Бајден е роден, досега се избројани 99% гласови.
Тој додаде дека Американците му дале мандат за да се бори против пандемијата на коронавирусот, економските проблеми, климатските промени и систематскиот расизам.
Ако викендов биде прогласен за победник, неговиот тим очекува да го почне процесот на транзиција в понеделник. Засега нема најави дека Трамп планира да го признае поразот.
„Џо Бајден не би требало да се прогласува за победник. И јас можам да го направам тоа. Правните битки допрва почнуваат“, изјави Трамп вчера.