Џо Бајден изјави дека го разгледува барањето на Австралија за отфрлање на прогонот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Австралискиот парламент неодамна усвои мерка со која се бара враќање на Асанж во неговата татковина, што беше поддржано и од премиерот Ентони Албаниз.
САД бараат екстрадиција на Асанж од Велика Британија, што неодамна беше одложено од Високиот суд во Лондон. Американските обвинители го бараат 52-годишниот основач на „Викиликс“ за да му судат за 18 кривични дела, поврзани со објавувањето на доверливи американски воени и дипломатски документи. Асанж вели дека неговите постапки биле новинарски чин.
Запрашан дали одговорил на барањето на Австралија, Бајден кажа:
„Го разгледуваме барањето“.
Асанж се наоѓа во затвор во Лондон од 2019 откако еквадорската амбасада во Велика Британија му го укина азилантскиот статус. Сослушувањето за конечната одлука околу екстрадицијата би можело да се одржи следниот месец.