Политички партии во Белгија договорија формирање влада по речиси осум месеци сложени разговори кои уследија по победата на националистичката партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА) на изборите. Се очекува нејзиниот лидер Берт де Вевер да стане нов премиер и да предводи коалиција на пет партии, која вклучува и либерали, социјалисти и демохристијани од сите говорни подрачја на земјата.
Разговорите за коалиција се развлекоа зашто партиите не можеа да постигнат договор за кратење на буџетот, покачување на даноците и за пензиските реформи. Тие конечно се договорија вчера по континуираните 32 часа разговори. Една од темите била и ограничувањето на бројот на азиланти.
Крајнодесничарската партија Фламански интерес беше исклучена од разговорите, иако постигна најголем напредок на изборите во јуни, по кои стана втората најголема партија во Белгија.