Лидерите на Европска Унија се согласија да ги поддржат финансиските потреби на Украина во следните две години, но не донесоа одлука за купување оружје со замрзнатите руски средства. Станува збор за сума од 140 милијарди евра, кои се задржани во белгиска клириншка куќа и одлуката за нивно користење беше одложена за декември поради противењето на Белгија.
Овој контроверзен потег требаше да се надоврзе на последните европски санкции, чија мета се руските приходи од нафта.
Средбата во Брисел се одржа ден пред самитот на таканаречената коалиција на волните во Лондон, каде што британскиот премиер Кир Стармер ќе се обиде да ги притисне европските лидери да ја засилат одбраната на Украина со проектили со долг дострел. На самитот ќе присуствуваат и Володимир Зеленски и шефот на НАТО, Марк Руте.
Европските министри вчера разговараа за тоа како би можеле замрзнатите руски милијарди да ѝ бидат достапни на Украина во вид на „кредит за репарација“. Русија се закани со „болен одговор“ ако ова се реализира и Белгија особено не сакаше да поддржи ваква одлука, стравувајќи од правни последици ако Русија го тужи „Евроклир“, клириншката куќа каде што се наоѓаат парите.
Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да го поддржи планот, посочувајќи дека тоа е „непозната територија“. Белгиската влада смета дека тужба против „Евроклир“ би можела да создаде голема финансиска криза.
„Дали овој план е легален? Тоа е многу добро прашање. Нема јасни одговори. Во секој случај, ќе бидеме закопани во судски спорови. Тоа изгледа како сигурност“, рече Де Вевер.
Планот не беше одобрен по маратонските разговори и наместо тоа, од Европската комисија беше побарано да најде опции за „финансиска поддршка на Украина врз основа на проценка на нејзините потреби“.
„Руските средства треба да останат замрзнати сè додека Русија не ја прекине својата агресивна војна против Украина и не ја надомести штетата предизвикана од војната“, стои во декларацијата од средбата.



