БЕРГАМО СЕ МАЧИ ДА ГИ ПОГРЕБЕ МРТВИТЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ И НА ПОМОШ ЈА ПОВИКА ВОЈСКАТА

    БЕРГАМО СЕ МАЧИ ДА ГИ ПОГРЕБЕ МРТВИТЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ И НА ПОМОШ ЈА ПОВИКА ВОЈСКАТАКовчези со починати од коронавирусот со денови стојат во запечатени соби (Фото: Анса)

    Бергамо, провинција со 1,2 милиона жители во рамките на регионот Ломбардија, се мачи да ги погребе или кремира своите жители кои починале од коронавирусот бидејќи секој ден има сѐ повеќе и повеќе лешеви, кои понекогаш со денови се чуваат во запечатени соби.

    До вчера, во Ломбардија имаше 1.959 смртни случаи, од кои преку 500 се во Бергамо и ситуацијата стана толку тензична што армијата дојде на помош за да се пренесат 65 ковчези до гробиштата во Модена и Болоња.

    Воени камиони дојдоа во Бергамо за да превезат 65 ковчези до гробишта во други градови (Фото: Анса)

    ЦФБ, најголемата погребална компанија во областа, соопшти дека од 1 март организирале речиси 600 погреби и кремирања. Низ Бергамо има 80-ина погребални компании и секоја прима десетици повици на час.

    „Во нормален месец ги има околу 200. Цела генерација умре за само две недели. Никогаш не сме виделе вакво нешто“, вели директорот на ЦФБ, Антонио Ричарди.

    Болниците имаат воведено многу построги правила за преземање на мртвите, кои веднаш мора да бидат префрлени во ковчези без да се облекуваат.

    Поради карантинот, во Италија се забранети сите верски церемонии (Фото: АФП)

    „Семејствата не можат да си ги видат саканите и да им направат соодветен погреб. Тоа е голем проблем од психолошки аспект. Исто така, немаме доволно луѓе за транспорт и подготовка на мртвите зашто и меѓу наши вработени има разболени“, вели Ричарди.

    За оние кои умираат дома, бирократскиот процес е уште подолг бидејќи смртта мора да биде потврдена од двајца лекари.

    Поради карантинот во Италија, забранети се сите верски церемонии, како погреби, миси и венчавки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира