Министерот за здравство на Нов Зеланд се нарече себеси идиот откако призна дека отишол со семејството на плажа додека земјата е во карантин.
Дејвид Кларк кажа дека возел 20 километри, со што „јасно ги прекршил принципите на карантин“. Тој ѝ понуди оставка на премиерката Џесинда Ардерн, но ќе остане на функцијата поради пандемијата.
„Како министер за здравство имам одговорност не само да ги следам правилата, туку и да бидам пример за други Новозеланѓани. Го изневерив тимот. Бев идиот и разбирам ако луѓето се лути на мене“, кажа Кларк.
Ардерн изјави дека во нормални околности тој ќе беше сменет.
Нов Зеланд прогласи карантин од четврти степен на 25 март, но првиот нареден викенд Кларк со семејството отишол на плажа.
Во Нов Зеланд досега има над 1.100 случаи на коронавирус, но само едно починато лице – 70-годишна жена.