Доналд Трамп и Илон Маск ја обновија јавната расправија за законот за буџетот, за кој моментално се дебатира во Сенатот, при што американскиот претседател предложи Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) да ги разгледа субвенциите што ги имаат добиено компаниите на Маск со цел да се „заштедат многу пари“.
Трамп се огласи откако Маск повторно го нападна законот кој предвидува големо намалување на даноците и би можел да го зголеми националниот долг за неколку трилиони долари, ветувајќи дека ќе ги смени пратениците кои го поддржаа законот.
„Илон можеби има добиено повеќе субвенции од кој било човек во историјата, но без нив, тој веројатно би бил принуден да ја затвори својата продавница и да се врати во Јужна Африка. Нема веќе лансирање ракети и сателити, нема производство на електрични автомобили, нашата земја би заштедила богатство. Можеби ДОГЕ би требало да го разгледа тоа, големи пари ќе бидат заштедени“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Маск му одговори на Трамп преку Икс: „Буквално велам, укини ги сите, веднаш“.
По неколку недели примирје, Маск викендов ги обнови критиките за законот за буџетот откако тој тесно помина на првото гласање во Сенатот, опишувајќи го како „апсолутно луд и уништувачки“. Тој вчера додаде дека пратениците кои во кампањата зборуваа за штедењето, а сега го поддржаа законот би требало да се засрамат.
„И ќе изгубат на предизборите следната година, макар тоа било последното нешто што ќе го направам на Земјата“, кажа Маск, повикувајќи на формирање нова политичка партија во САД.
Тој вложи речиси 300 милиони долари во предизборната кампања на Трамп и потоа стана шеф на ДОГЕ, кој ги предводеше владините напори за намалување на сојузните трошоци и администрација. Сепак, двајцата јавно се скараа во почетокот на јуни, откако Маск првпат го нападна „големиот, прекрасен закон“ на Трамп. Маск смета дека законот само ќе го зголеми националниот долг, против што претходно се бореле.