БИТКАТА ЗА МАРИУПОЛ СТАНА БИТКА ЗА ЧЕЛИЧАРНИЦАТА „АЗОВСТАЛ“, ПОСЛЕДНОТО УПОРИШТЕ НА УКРАИНСКИТЕ БОРЦИ

    БИТКАТА ЗА МАРИУПОЛ СТАНА БИТКА ЗА ЧЕЛИЧАРНИЦАТА „АЗОВСТАЛ“, ПОСЛЕДНОТО УПОРИШТЕ НА УКРАИНСКИТЕ БОРЦИФабриката од советско време била изградена да издржи значителна штета и толку е голема што се покажа тешко од неа да се истераат бранителите (Фото: Гети)

    Украинската војска објави дека Русија планира да ја нападне челичарницата „Азовстал“, која стана клучна точка во борбата за контрола на Мариупол, додека се појавуваат сè повеќе извештаи дека руските сили се на прагот да го заземат целиот град. Овој стратешки важен пристаништен град е под руска опсада веќе шест недели, период во кој беше изложен на безмилосни бомбардирања. Градските власти проценуваат дека загинале 10.000 цивили.

    Украинските трупи велат дека им снемуваат муниција и залихи и се верува дека се потиснати во изолирани џебови кон крајбрежјето.

    Индустрискиот комплекс „Азовстал“ е една од последните клучни оперативни бази на илјадници украински борци останати во опколениот град, иако нивната точна бројка е непозната поради недостигот на веродостојни информации. Експертите сметаат дека Русите досега не успеале да ја освојат челичарницата од советско време зашто била изградена да издржи значителна штета и толку е голема што се покажа тешко од неа да се истераат бранителите, меѓу кои се и припадниците на крајнодесничарскиот Азовски баталјон, кој е дел од украинската национална гарда.

    „Фабриката, како и Мариупол, ги демонстрираше предизвиците на урбаното војување и на освојувањето области во кои што борците се во голем број и имаат многу засолништа“, вели Аглаја Снетков, експерт за руска надворешна и безбедносна политика од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

    Руските трупи почнаа да го окружуваат Мариупол во почетокот на март и украинските власти го опишаа градот како срцето на војната. Освојувањето на Мариупол би била голема победа за Русите, зашто ќе им овозможи копнено поврзување на Крим и отцепените региони во источна Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира