Довчерашниот боливиски лидер Ево Моралес прифати политички азил во Мексико, ден откако поднесе оставка среде протестите поради изборни измами.
Тој напиша на Твитер дека го боли што ја напушта Боливија, но дека ќе се врати со повеќе сила и енергија. Моралес претходно им порача на своите приврзаници да им се спротивстават на „мрачните сили кои го принудиле да се повлече од функцијата претседател“.
Министерот за надворешни работи на Мексико Марсело Ебрард потврди дека Моралес отпатувал со авион на мексиканската влада.
До одржувањето на нови избори, државата привремено ќе ја води заменичката на претседателот на Сенатот.
Моралес, кој првпат беше избран во 2006 година, успеа да ја подобри економијата на земјата, но одби да ги почитува уставните ограничувања и по четврти пат се кандидираше за претседател и тесно победи на изборите што се одржаа минатиот месец, на кои наводно имало големи нерегуларности. Под притисок на меѓународната јавност, тој ги поништи изборите и најави дека ќе распише нови, пред да поднесе оставка.