Бившиот хрватски премиер Иво Санадер е осуден на осум години затвор на повторното судење за корупција и нелегално финансирање на неговата партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
Санадер за истиот случај доби девет години затвор во 2013, но пресудата беше поништена од Врховниот суд. Тој беше премиер на Хрватска од 2003 до 2009, кога се повлече без да даде објаснување.
На повторното судење беше кажано дека Санадер организирал група луѓе за криминални активности и прикривање на нелегални финансиски зделки, поврзано со извлекувањето пари од државни компании преку маркетиншката агенција „Фими медија“, со кои потоа се финансирала ХДЗ. Партијата ќе мора да плати казна од 460.000 евра и да врати речиси два милиона евра во државниот буџет.