Бившиот полски министер за правда Збигњев Зиобро, кој се бара во неговата татковина за неколку кривични дела, избега од Унгарија во САД, откако владата на Виктор Орбан му одобри азил минатата година.
„Јас сум во САД. Пристигнав вчера“, потврди Зиобро за полската десничарска телевизија „Република“.
Зиобро се соочува со 25 години затвор ако биде осуден за сите обвиненија. Тие вклучуваат злоупотреба на службената положба, водење на организирана криминална организација и незаконско користење средства за купување израелски шпионски софтвер „Пегас“, наводно за следење на политичките противници. Тој ги отфрла сите обвиненија и ја обвини полската влада за лов на вештерки.
Откако Орбан беше поразен на изборите минатиот месец, новиот премиер Петер Маѓар кажа дека Унгарија веќе нема да штити луѓе кои се бараат во други држави, што го вклучува и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„Унгарија повеќе нема да биде депонија за меѓународно барани криминалци“, рече Маѓар.
Не е јасно како Зиобро успеал да патува во САД, бидејќи Полска претходно соопшти дека неговите патни документи се одземени. Локалниот сајт „Онет“ објави дека Зиобро добил американска новинарска виза преку „Република“, која подоцна потврди дека го ангажирала поранешниот министер за правда како свој политички коментатор во САД.



