Авион „боинг 737“ со 143 патници и членови на екипажот заврши во река на Флорида, откако слетал на пистата во услови на големо невреме. Никој од луѓето во авионот не е посериозно повреден.
Авионот изнајмен од „Мајами ер интернешнал“ за потребите на војската летал од Гвантанамо Беј на Куба до воена база во Џексонвил. Патници изјавија дека авионот слетал при големо невреме, при што се излизгал во реката Сент Џон. Најмалку 20 патници добиле лекарска помош за помали повреди.
„Авионот имаше тешко приземјување. Буквално удри во земјата и отскокна, и тоа двапати. Беше јасно дека пилотот целосно ја имаше изгубено контролата врз авионот. Завршивме во вода и не можевме да кажеме каде се наоѓаме, дали е река или океан“, изјави една патничка.
Градоначалникот на Џексонвил потврди дека нема жртви.
„Авионот не потона. Сите во авионот се живи и свесни“, изјавија од неговата канцеларија.