Бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе побара од парламентот да прогласи вонредна состојба во државата, со цел да се спречи натамошното ширење на коронавирусот.
„Владата ќе побара од парламентот да прогласи вонредна состојба, што ќе овозможи затворање на училишта, градинки и универзитети“, изјави Борисов.
Тој кажа дека ќе има законски санкции за оние кои нема да ги почитуваат мерките на карантин, откако „14 луѓе кои требало да бидат во изолација не ги следеле процедурите“.
„Во некои земји казните се и до седум години затвор. Ние нема да одиме толку далеку, но се разгледува казна од 5.000 лева (2.500 евра)“, додаде тој.
Борисов препорача и моментално затворање на сите дискотеки, барови и ноќни клубови.
Бугарија вчера пријави 16 нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка порасна на 23. Една 66-годишна пациентка почина во болница во Софија.