БОЛСОНАРО ЈА ИСПРАЌА ВОЈСКАТА ДА СЕ БОРИ СО ПОЖАРИТЕ ВО АМАЗОНИЈА ПО ПРИТИСОКОТ ОД ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ

    БОЛСОНАРО ЈА ИСПРАЌА ВОЈСКАТА ДА СЕ БОРИ СО ПОЖАРИТЕ ВО АМАЗОНИЈА ПО ПРИТИСОКОТ ОД ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИБразилците излегоа на протести барајќи од Болсонаро поголема акција против пожарите (Фото: Гети)

    Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ѝ нареди на војската да помогне во борбата со пожарите во Амазонија, кои во рекорден број избувнаа ова лето.

    Тој потпиша посебен указ по силниот притисок од европските лидери, кои претходно ги нападна дека не би смееле да ги користат пожарите како причина за казнување. Франција и Ирска се заканија дека нема да потпишат големи трговски договори со јужноамерикански земји, доколку Бразил не стори повеќе во борбата со пожарите.

    Се верува дека повеќето од нив се предизвикани од фармерите, кои расчистуваат земјиште за да добијат нови земјоделски површини, охрабрени од политиката на Болсонаро, кој сака да ја живне економијата во овој регион. Поради ваквата политика, Болсонаро се соочува и со меѓународни санкции, па Финска ја повика Европската Унија да ја разгледа можноста за забрана на увоз на говедско месо од Бразил.

    „Пожари има низ цел свет и тие не би требало да служат како повод за воведување меѓународни санкции“, изјави Болсонаро.

    Во своето телевизиско обраќање, тој потврди дека ќе ја испрати војската да помогне во борбата со пожарите.

    „Како војник, научив да ја сакам Амазонија и сакам да помогнам во нејзина заштита“, кажа Болсонаро.

    Сателитските снимки на Бразилската вселенска агенција покажуваат дека бројот на пожари низ Бразил оваа година се зголемил за 85% и повеќето од нив избувнале во регионот на Амазонија. Во првите осум месеци од годината, во Бразил биле регистрирани повеќе од 75.000 пожари, што е најголема бројка од 2013 година.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари