Инфлуенсерот Ендрју Тејт и неговиот брат Тристан утрово ја напуштија Романија и заминаа за САД со приватен авион, потврдија извори од Романија за Би-Би-Си.
Браќата Тејт се под кривична истрага во Романија за обвинувања како организирање криминална група, перење пари, трговија со луѓе, трговија со малолетници, секс со малолетник, силување и експлоатирање жени. „Фајненшл тајмс“ објави минатата недела дека членови на администрацијата на Доналд Трамп ги притискаат романските власти да ги укинат ограничувањата за патување на браќата Тејт, поранешни кикбоксери кои имаат и американско и британско државјанство.
Додека трае кривичната истрага, тие се под судска контрола, лесна превентивна мерка, според која од нив се бара редовно да се пријавуваат во полиција. До оваа недела им беше забрането да ја напуштат Романија, што беше укинато од обвинителството.
Тие остануваат под истрага откако било одбиено нивното барање да се отфрлат обвиненијата против нив и се обврзале дека ќе се вратат во Романија на крајот на март.
Првото судење против браќата Тејт пропадна во декември откако судот во Букурешт одби да го започне судскиот процес и ги испрати досиејата назад во обвинителството поради наводни пропусти во обвинението.
Ендрју и Тристан Тејт беа уапсени во Романија во декември 2022 во рамките на истрага за силување и трговија со луѓе. Тие и формално беа обвинети во јуни 2023. Во декември таа година беше наредено дека не смеат да ја напуштат Романија.