Велика Британија почна да издава пасоши на своите граѓани без зборовите „Европска унија“ на корицата, и покрај одложувањето на Брегзит. Новите пасоши се воведени на 30 март, еден ден откако Британија требаше да ја напушти ЕУ.
Одлуката да се отстрани „Европска унија“ од пасошите била донесена од министерството за внатрешни работи, бидејќи се очекуваше земјата да излезе од ЕУ на 29 март.
„Нема да има разлика за британските граѓани дали користат пасош што ги вклучува зборовите Европска унија или пасош што ги нема. Двата дизајни се подеднакво валидни за патување“, изјави портпарол на министерството.
Британската премиерка Тереза Меј вчера од ЕУ побара уште едно одложување на Брегзит до 30 јуни. Засега, предвидено е земјата да излезе од ЕУ на 12 април, но ниту еден план за напуштање на ЕУ не е одобрен од британскиот парламент.