Денеска ќе бидат дадени првите дози од вакцината против ковид-19 заеднички развиена од Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“, додека Велика Британија ја забрзува својата програма за имунизација среде значителниот пораст на бројот на нови случаи на коронавирус. Двата партнера објавија дека на првиот ден се подготвени да испорачаат повеќе од половина милион дози.
Министерот за здравство Мет Хенкок ова го опиша како пресвртен момент во борбата против коронавирусот, додека премиерот Борис Џонсон најавува воведување на уште построги рестриктивни мерки на регионално ниво, кои би имале пократок век. Во Британија вчера беа потврдени повеќе од 50.000 нови случаи на зараза шести ден по ред.
Велика Британија ја одобри вакцината на Оксфорд на крајот на декември и нејзината предност е што може да се чува во обични фрижидери, што ја прави полесна за дистрибуција и е доста поевтина од останатите вакцини против ковид-19 што веќе се на пазарот. Шест големи болници во Британија денеска ќе добијат 530.000 дози од вакцината.