Британците над 70 години ќе почнат да примаат вакцини против новите соеви на коронавирусот во септември, според планот на министерството за здравство. Министерот за вакцини Надим Захави вели дека првите дози ќе одат за четири приоритетни групи, вклучувајќи го персоналот во старечките домови, здравствените работници и хронично болните.
Тој за британските медиуми изјави дека оваа вакцинација се очекува да започне во септември и дека владата очекува тогаш да има на располагање осум различни вакцини. Дел од тие осум вакцини ќе се произведува во Британија и тоа ќе ѝ помогне на земјата да ги намали тензиите со Европската унија поради недостигот на вакцини од „АстраЗенека“.
Досега, над 29 милиони луѓе во Британија примиле барем една доза од вакцините против коронавирус, што е речиси половина од вкупната популација во земјата.