Британското Министерство за одбрана соопшти дека борбени авиони на Кралското воено воздухопловство (РАФ) во два одвоени инциденти оваа недела пресретнале руски авиони кои летале во близина на воздушниот простор на НАТО.
На 15 април, два авиони „Тајфун“ од базата во Малборк, Полска, полетале за да пресретнат руски извидувачки авион „Иљушин Ил-20М“ над Балтичкото Море. Два дена подоцна, на 17 април, уште два „Тајфуни“ пресретнале непознат авион кој излегувал од воздушниот простор на Калининград.
Овие пресретнувања се први за британските авиони откако се распоредени во Полска како дел од придонесот на Велика Британија кон засилената воздушна патрола на НАТО, каде што соработуваат со Шведска, најновата членка на Алијансата.
Министерот за одбрана, Лук Полард, изјави дека посветеноста на Велика Британија кон НАТО е „непоколеблива“.
„Со растечката руска агресија и зголемените безбедносни закани, ние ги уверуваме нашите сојузници, ги одвраќаме противниците и ја штитиме нашата национална безбедност“, рече тој, додавајќи дека мисијата ја покажува способноста за заедничко дејствување со Шведска и одбрана на воздушниот простор на Алијансата.
Пресретнувањата на руски воени авиони од страна на РАФ во близина на воздушниот простор на Обединетото Кралство или за време на операции во странство не се реткост и се случуваат уште од времето на Студената војна. Минатата година, авиони „Тајфун“ од базата Лосимаут во Шкотска пресретнаа руски бомбардер над Северното Море, а во 2023 година биле пресретнати вкупно 50 руски авиони од страна на пилоти од истата база.