БРИТАНСКИ ДРЖАВЈАНИН ЈА ПРЕЖИВЕА АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА ВО ИНДИЈА, БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ПОРАСНА НА 290

    БРИТАНСКИ ДРЖАВЈАНИН ЈА ПРЕЖИВЕА АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА ВО ИНДИЈА, БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ПОРАСНА НА 290Авионот се урнал во хостел за сместување медицински лица и студенти по медицина и властите кажаа дека има жртви и на земја (Фото: АП)

    Британски државјанин ја преживеа денешната авионска несреќа во индискиот град Ахмедабад, иако шефот на локалната полиција во прв момент објави дека нема преживеани.

    Авионот на „Ер Индија“, кој летал за Лондон, се урна неполна минута по полетувањето, паѓајќи во станбена област близу аеродромот. Во авионот „боинг 787-8 дримлајнер“ имало 232 патници и 12 членови на екипажот. Досега се пронајдени 290 тела, но не е јасно колку од нив се жртвите од авионот.

    Индиските медиуми разговарале во болницата со преживеаниот патник Вишваш Кумар Рамеш (40), кој рекол:

    Триесет секунди по полетувањето слушнав силна бучава и потоа авионот се урна. Сѐ се случи многу брзо. Кога станав, околу мене имаше тела и делови од авионот. Бев уплашен и почнав да трчам. Некој ме зграпчи и ме стави во амбулантно возило. Брат ми беше со мене, но не знам каде е“.

    Во авионот биле 169 Индијци, 53 Британци, седум Португалци и еден канадски државјанин, соопшти авиокомпанијата. Авионот се урнал во хостел за сместување медицински лица и студенти по медицина и властите кажаа дека има жртви и на земја.

    Според податоците на „Флајтрадар24“, авионот нагло се искачил до 190 метри, по што бил изгубен контактот. Авионот претходно испратил сигнал за тревога до контролата на летање, но потоа немало одговор.

    Поранешниот истражувач на несреќи Џеф Гузети кажа дека е мистерија зошто авионот имал потешкотии да се искачи во последните моменти од летот.

    На видеото од авионот непосредно пред падот не се гледа чад или оган, па веројатно не станува збор за удар на птица. Дури и ако авионот изгуби еден мотор, вториот мотор треба да може да го носи нагоре“, изјави Гузети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира