Премиерката Тереза Меј преживеа уште едно гласање за доверба во британскиот парламент, само 24 часа откако нејзиниот договор за брегзит претрпи тежок пораз.
Тоа беше свикано од лидерот на лабуристите Џереми Корбин набргу откако договорот за излегување на Велика Британија од Европска Унија не беше прифатен од британските парламентарци со огромна разлика во гласови. Владата на Меј доби 325 гласови, наспроти 306 кои ѝ изразија недоверба.
Веднаш по објавувањето на резултатите од гласањето, Меј порача дека уште вечерва сака да ги почне разговорите со лидерите на опозициските партии околу тоа како да се продолжи со спроведувањето на брегзит. Велика Британија на 29 март треба да излезе од Европска Унија.