Опозицијата во британскиот парламент, потпомогната од пратеници од владејачката Конзервативна партија, ја порази владата во првата фаза од нејзиниот обид да донесе закон со кој ќе се спречи спроведувањето на брегзит без договор.
Со 27 гласови повеќе, парламентот ја покрена процедурата за донесување закон со кој ќе се побара дополнително одложување на брегзит и ќе се спречи негово спроведување без договор на 31 октомври.
Како одговор, премиерот Борис Џонсон најави дека ќе распише итни парламентарни избори, додека лидерот на опозицијата Џереми Корбин изјави дека клучниот закон би можел да се донесе и пред одржувањето на изборите.
Дваесет и еден пратеник од редовите на Конзервативната партија, вклучувајќи и поранешни министри, ѝ се придружија на опозицијата во гласањето против владата.
Според Џонсон, донесувањето на овој закон значи дека Европската Унија ќе преземе контрола врз преговорите за брегзит.
„Тоа ќе значи повеќе одложувања и повеќе конфузија. Народот на оваа земја ќе мора да одлучи“, изјави Џонсон, најавувајќи избори.